Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

1. Точни историски податоци

1. Точни историски податоци

Зошто да ѝ веруваме на Библијата

1. Точни историски податоци

Тешко може да ѝ се верува на една книга во која се изнесуваат погрешни податоци. Замисли си дека читаш еден современ учебник по историја во кој Втората светска војна е сместена во 19 век или во кој претседателот на САД е наречен крал. Поради ваквите погрешни информации сигурно ќе се посомневаш во точноста на тој учебник.

НИКОЈ никогаш не успеал да ја побие историската точност на Библијата. Во неа се зборува за вистински луѓе и за вистински настани.

Луѓе. Порано, критичарите на Библијата се сомневаа дека воопшто постоел Понтиј Пилат, римскиот управител на Јудеја кој наредил Исус да биде прикован на столб (Матеј 27:1-26). Но, доказот дека Пилат бил управител на Јудеја е врежан во еден камен [1] што, во 1961 год., беше откриен во средоземноморскиот град Цезарија.

Пред 1993 год., освен во Библијата немаше никакви други докази за Давид, храбриот млад пастир кој подоцна станал цар на Израел. Меѓутоа, таа година археолозите открија во северен Израел базалтен камен [2] од деветтиот век пр.н.е. на кој, како што велат стручњаците, се запишани зборовите „Давидовиот дом“ и „царот на Израел“.

Настани. Сѐ до неодамна, многу изучувачи мислеа дека не е точен библискиот запис за војните меѓу Едом и Израел во времето на Давид (2. Самоилова 8:13, 14). Тие тврдеа дека во тоа време Едом бил едноставно, сточарско општество кое не било доволно организирано и моќно за да претставува закана за Израел. Меѓутоа, во една статија во списанието Biblical Archaeology Review се вели дека неодамнешните ископувања покажуваат дека „Едом веќе бил развиено општество со векови претходно [порано отколку што се мислело], како што потврдува и Библијата“.

Точни титули. Во текот на 16-те векови во кои била пишувана Библијата, на светската сцена се смениле многу владетели. Кога некој владетел се спомнува во Библијата, за него секогаш се користи точната титула. На пример, точно е кажано дека Ирод Антипа бил „тетрарх“, а Галион „проконзул“ (Лука 3:1; Дела 18:12). Во Езра 5:6 се спомнува Татанај, управителот на персиската провинција „од онаа страна на Реката“, односно реката Еуфрат. На една монета од четвртиот век пр.н.е. има сличен натпис, според кој персискиот управител Мазеј бил управител на провинцијата „од онаа страна на Реката“.

Не е мала работа што Библијата е точна дури и во ситните детали. Ако можеме да им веруваме на библиските писатели за најситните детали, зарем не треба да имаме уште поголема доверба и во другите работи што ги запишале?

[Извори на слики на страница 5]

1: Фотографија © Israel Museum, Jerusalem; со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority; 2: HUC, Tel Dan Excavations; фотографија: Zeev Radovan