Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што можат да направат родителите

Што можат да направат родителите

„Имаше премногу ученици во една училница! Жештината беше неподнослива, а немаше никаква вентилација“ (Луис, Боливија).

„Во нашето училиште имаше малку наставници, па затоа не можеа да им обрнат внимание на сите ученици. Немаше географски карти, лабораториска опрема, библиотека“ (Доркас, Мјанмар).

„Повеќето наставници не можеа да излезат на крај со учениците. Понекогаш, децата беа многу немирни, а тоа уште повеќе го отежнуваше учењето“ (Нина, ЈАР).

КАКО што покажува горната изјава, во некои училишта баш и нема услови за учење. Што можеш ти, како родител, да направиш за твоите деца да го извлечат максимумот од образованието и покрај предизвиците? Да разгледаме неколку предлози.

Преземи иницијатива

Наместо да се концентрираш на проблемите — врз кои најчесто и немаш контрола — концентрирај се на она што можеш да го направиш. Ако на твоето дете потешко му оди некој предмет или има премногу домашни задачи, седнете и заедно зборувајте што би можеле да сторите. На пример, дали дома треба да има некое посоодветно место за учење? Дали му треба помош за подобро да се организира за да ги заврши најважните задачи? Дали би му помогнале приватни часови? Би можел да ги замолиш и неговите наставници за дополнителни предлози. Гледај на нив како на свои соработници, а не како на непријатели.

Помогни му на детето да не заборави која е целта на образованието

Образованието треба да му помогне на твоето дете да се изгради во зрела и одговорна личност. Целта не треба да биде само да научи како да се стекне богатство. Сепак, истражувањата покажуваат дека многу млади се запишуваат на училиште токму со таа цел — да се збогатат. Библијата ни помага да стекнеме урамнотежено гледиште за материјалните работи. Од една страна, таа вели дека „парите се заштита“, но од друга страна нѐ предупредува дека „оние што решиле да се збогатат“ нема да бидат вистински среќни (Проповедник 7:12; 1. Тимотеј 6:9).

Остави го да си ги жнее последиците

Многу наставници велат дека не им е лесно да излезат на крај со учениците, но дека понекогаш родителите знаат да бидат уште попроблематични. Кога нивното дете ќе направи некоја беља или ќе добие лоша оценка некои родители веднаш се вмешуваат и креваат врева. На пример, во една статија во весникот Time една професорка на факултет кажува што ѝ се случува со некои студенти. Тие „на сред час им се јавуваат на мобилен на своите родители за да им се пожалат дека добиле слаба оценка и потоа ѝ го даваат телефонот нејзе затоа што родителот сака да зборува со неа. Некои родители ѝ велат дека плаќаат големи суми за образованието на своето дете, сакајќи со тоа да ѝ кажат дека не прифаќаат друга оценка освен највисоката“.

На тој начин родителите не им прават услуга на своите деца. Всушност, наместо да ги „вадат“ од лоша ситуација, тие не им даваат можност „да научат сами да донесуваат одлуки, да поднесат неуспех и да ги прифатат последиците од своите грешки“, пишува Поли Јанг-Ајзендрат во својата книга Стапицата на самоувереноста (The Self-Esteem Trap). Таа додава: „Ако родителите премногу им се тресат на децата и прават сѐ место нив, а децата ни со прст не мрднуваат, родителите ќе станат поцврсти, но тоа е минус за децата зашто нема да знаат да се снајдат во животот“.

Биди разумен во однос на степенот на образование.

Како што веќе беше спомнато, образованието може да го подготви твоето дете за одговорностите што го чекаат како возрасен (1. Мојсеева 2:24). Но, колкаво образование му е потребно за тоа?

Погрешно е да мислиш дека твоето дете мора да оди на факултет за да си обезбеди пристојна живеачка. Има и други, поевтини можности. Всушност, во некои случаи оние што имаат некаков занает може да заработуваат повеќе од некои што завршиле факултет.

Заклучок: Училиштата не се совршени и денешните деца се соочуваат со проблеми што не постоеја до пред само неколку децении. Но, со твоја поддршка твоето дете може успешно да ги помине школските години! Би можеле заедно, како семејство, да ги разгледате предлозите на страници 3-7 од ова списание.