Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Сиромашните

Сиромашните

Дали Бог се грижи за сиромашните?

„Во вашиот живот нека нема љубов кон парите... Зашто, [Бог] рекол: ‚Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам‘“ (Евреите 13:5)

КАКО БОГ ПОКАЖУВА ДЕКА СЕ ГРИЖИ

Кога еден негов слуга е во тешка економска состојба, Јехова Бог може да покаже дека се грижи за него на разни начини. Еден начин е преку љубовта и поддршката од соверниците. * Во Јаков 1:27 стои: „Почитувањето кое е чисто и неизвалкано пред нашиот Бог и Татко е ова: да се грижиш за сираците и за вдовиците во нивната неволја“.

Првите христијани си помагале еден на друг. На пример, кога било проречено дека Јудеја ќе биде погодена од голем глад, христијаните од сирискиот град Антиохија одлучиле „да испратат помош за на тој начин да им послужат на браќата... во Јудеја“ (Дела 11:28-30). Така, нивните сиромашни верници ги добиле неопходните работи. Со овој чин христијаните покажале љубов на дело (1. Јованово 3:18).

Како можат сиромашните самите да си помогнат?

„Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“ (Исаија 48:17, 18)

БОГ НИ ПОМАГА ДА СИ ПОМОГНЕМЕ САМИТЕ

Милиони луѓе увиделе дека мудроста од Библијата ни го дава најдоброто водство и ни помага на практични начини. Во Изреки 2:6, 7 пишува: „Јехова дава мудрост, од неговата уста доаѓаат знаењето и проникливоста. Тој им помага на чесните да постапуваат мудро“. Кога луѓето ја бараат и ја применуваат оваа мудрост, тоа е за нивно добро.

На пример, немаат штетни и скапи навики, како што се злоупотребата на дрога и алкохол (2. Коринќаните 7:1). Исто така, стануваат чесни, посовесни и поодговорни, и затоа имаат поголеми шанси да најдат вработување или да бидат уште поценети како работници. Во Ефешаните 4:28 читаме: „Кој крадел, повеќе да не краде, туку да работи марливо... за да има да му даде нешто на оној што е во немаштија“.

Има ли докази дека мудроста од Библијата помага?

„Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Матеј 11:19)

РЕЗУЛТАТИТЕ ЗБОРУВААТ САМИ ЗА СЕБЕ

На Вилсон од Гана му истекувал договорот за работа. Последниот работен ден, додека ја миел колата на директорот, Вилсон нашол пари во багажникот. Неговиот шеф му рекол да си ги задржи парите. Но, Вилсон, кој е Јеховин сведок, не сакал да ги украде. Наместо тоа, му ги вратил на директорот. Поради оваа постапка, Вилсон не само што не бил отпуштен туку и бил примен во фирмата на неопределено време, а подоцна добил и унапредување.

Во Европа, Жералдин ја изгубила работата затоа што нејзината шефица не ги сакала Јеховините сведоци. Но, мајката на шефицата ѝ рекла на ќерка си дека направила голема грешка. „Ако сакаш работник во кој можеш да имаш доверба и кој одговорно си ја врши работата, нема да најдеш подобар работник од Јеховин сведок“, рекла таа. Ќерка ѝ побарала повеќе информации за Сведоците и повторно ја примила Жералдин на работа.

Сара, самохрана мајка од Јужноафриканската Република, се нашла во тешка ситуација. Тогаш ја почувствувала христијанската љубов на своја кожа — соверниците од собранието им обезбедиле храна и превоз. Подоцна, нејзините деца рекле: „Во собранието имаме многу родители“.

Има уште многу вакви искуства. Тие нѐ потсетуваат на зборовите од Изреки 1:33: „Кој ме слуша мене [Јехова], ќе биде спокоен и ќе живее мирно“. И навистина е така!

^ пас. 5 Во некои земји државата им дава финансиска помош на сиромашните. Во земји каде што ова не е случај, главна одговорност да се грижат за сиромашните имаат роднините (1. Тимотеј 5:3, 4, 16).