Префрли се на текстот

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Не е решение да се казнувате со молчење

Не е решение да се казнувате со молчење

ПРЕДИЗВИК

Како може двајца што се заветувале на вечна љубов да дојдат до степен кога не сакаат со часови, па дури и со денови да зборуваат еден со друг? ‚Па добро, барем не се караме‘, си велат. Ама проблемот и понатаму останува, а и двајцата се чувствуваат мизерно.

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

Средство за одмазда. Некои го казнуваат својот брачен другар со молчење за да му вратат за нешто. На пример, да речеме дека мажот направил планови за викенд без да се договори со жена му. Кога жената дознава, лута е и му вели дека е безобѕирен и си мисли само на себе. Тој, пак, ѝ вели дека е преосетлива и се лути за ситници. Жената изнервирано излегува и престанува да му зборува. Со тоа, всушност, сака да каже: „Ти мене ме повреди, е сега и јас тебе ќе те повредам“.

Средство за манипулација. Некои го казнуваат својот брачен другар со молчење за да го добијат она што го сакаат. На пример, мажот и жената планираат да одат на одмор и жената сака да ги земат со нив и нејзините родители. Мажот не се согласува. Ѝ вели: „Јас се оженив со тебе, а не со твоите“. Потоа престанува да ѝ зборува и ја игнорира мислејќи дека таа ќе попушти и ќе направи како што сака тој.

Се разбира, кога ќе осетат дека емоциите почнуваат да излегуваат од контрола, можеби не е лошо брачните другари да го прекинат разговорот за да можат да се смират малку. Таквото молчење може да помогне. Библијата вели дека има „време за молчење“ (Проповедник 3:7). Но, кога молчењето се користи како средство за одмазда или за манипулација, несогласувањето не само што трае подолго туку и се поткопува почитта што брачните другари ја имаат еден кон друг. Што можеш да направиш за тоа да не ти се случи и тебе?

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Првиот чекор за двајца да престанат да се казнуваат со молчење е да сфатат дека тоа не е решение за проблемите. Точно, со тоа што нема да му зборуваш на брачниот другар можеби ќе си ја задоволиш желбата да му вратиш или ќе го натераш да го направи она што го сакаш. Но, дали сакаш така да се однесуваш со оној кому си му се заветувал на вечна љубов? Има подобри начини да се решат несогласувањата.

Гледај зад зборовите. Библијата вели дека љубовта „не се раздразнува“ (1. Коринќаните 13:4, 5). Затоа, не избувнувај кога сопружникот ќе ти каже во лутина „Никогаш не слушаш што ти кажувам“, „Секогаш доцниш“ и сл. Труди се да гледаш зад зборовите. На пример, кога сопружникот ќе ти рече: „Никогаш не слушаш што ти кажувам“, можеби сака да ти каже: „Имам чувство дека не ме сфаќаш сериозно“. (Библиско начело: Изреки 14:29.)

Гледај на твојот брачен другар како на тимски соиграч, а не како на ривал

Стиши го гласот. Колку подолго трае кавгата толку поголеми се шансите ситуацијата да се вжешти. Но, ти можеш да направиш нешто за да не дојде до тоа. Што? Во книгата Бори се за својот брак (Fighting for Your Marriage) пишува: „Тоа што ќе го стишиш гласот и ќе го земеш предвид мислењето на сопружникот може многу да помогне да се смири ситуацијата и да се стави крај на кавгата. Честопати тоа е доволно“. (Библиско начело: Изреки 26:20.)

Мисли на двајцата, а не само на себе. Во Библијата се вели: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24). Ако гледаш на твојот брачен другар како на тимски соиграч, а не како на ривал, нема лесно да се навредуваш, нема да се караш со него и нема да престанеш да му зборуваш. (Библиско начело: Проповедник 7:9.)

Казнувањето со молчење не е во склад со зборовите од Библијата: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33). Зошто ти и твојот брачен другар не се договорите никогаш да не се казнувате со молчење?