Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живот без сетилото за вид

Живот без сетилото за вид

„Веднаш откако се родив, во болницата ми ставија прејаки капки за очи. Поради тоа, речиси го изгубив видот. За време на тинејџерските години, целосно ослепев и паднав во депресија“ (Паки, средовечна жена чиј сопруг е исто така слеп).

ИМА многу причини поради кои може да дојде до сериозни оштетувања на видот или до слепило. Некои од нив се повреда или болест. Тие можат да ги оштетат очите, очните нерви или мозокот. Честопати, луѓето кои делумно или целосно го изгубиле својот вид не сакаат да го прифатат тоа што им се случило и се борат со чувства на тага и страв. Сепак, многу слепи лица научиле да се справуваат со предизвиците и да водат исполнет живот.

Очите се основен извор преку кој добиваме информации за светот околу нас. Затоа, кога некој ќе го изгуби својот вид, мора повеќе да се потпира на другите сетила — сетилата за слух, мирис, допир и вкус.

Во едно списание било објавено истражување кое покажало дека мозокот има способност „да се менува во склад со тоа што сме го доживеале“. Во статијата го пишувало и следново: „Постојат голем број докази кои покажуваат дека, кога не добива информации од едно од нашите сетила, мозокот може да направи нови врски и да ги изостри другите сетила“ (Scientific American). Размисли за следново.

Слух: Преку звуците, еден човек може да си создаде умствена слика за околината. Фернандо, кој го изгубил видот, вели: „Научив да ги препознавам луѓето по бојата на гласот, па дури и по начинот на кој чекорат“. Хуан, кој исто така е слеп, вели: „Слепите ги распознаваат луѓето по гласот“. Исто како сите други, слепите обрнуваат големо внимание на тонот на гласот со кој може да се пренесат најразлични емоции.

Со помош на сетилото за слух, слепите лица добиваат многу информации за своето опкружување. На пример, тие можат да сфатат во кој правец се одвива сообраќајот, колку е голема просторијата во која се наоѓаат или каде се лоцирани предметите.

Мирис: И сетилото за мирис може да биде богат извор на информации. На пример, кога едно слепо лице се движи во одреден правец, со помош на сетилото за мирис може да си создаде умствена слика за тоа каде се наоѓа — дали покрај кафетерија, ресторан, пазар итн. Освен тоа, таа слика ја дополнуваат и звуците што му се познати на слепото лице, како и информациите што ги добива преку сетилото за допир.

Допир: Франциско вели: „Прстите ми се очи“. На слепите лица многу им помага и белиот стап кој го користат како „очи“. Манасес, кој е слеп уште од раѓање, научил да го користи белиот стап уште како дете. Тој вели: „Точно знам каде се наоѓам благодарение на моите други сетила, помнењето и белиот стап“.

Човек чита Стражарска кула на Брајово писмо

Исто така, сетилото за допир им помага на многу слепи лица да читаат публикации на Брајово писмо. Денес слепите имаат пристап до многу публикации кои можат да им го збогатат животот и да им помогнат да се зближат со Бог. Освен тоа, за нив има и голем број аудиоснимки, како и напредна компјутерска технологија која им овозможува да ја читаат Библијата и библиските публикации. *

Сето ова им влева неизмерна утеха и надеж на Паки и на нејзиниот сопруг, кои беа спомнати на почетокот од оваа статија. Исто така, тие добиваат поддршка од своите соверници во локалното собрание на Јеховините сведоци. Паки вели: „Сега можеме да водиме исполнет живот и да не бидеме целосно зависни од другите“.

Кога некој ќе го изгуби видот се соочува со посебни предизвици. Но, тоа што слепите луѓе успеваат да се справат со овие предизвици и да останат среќни ни покажува колку голема способност има човекот да се приспособи на новите околности и да води исполнет живот.

^ пас. 10 Јеховините сведоци издаваат библиски публикации на Брајово писмо на повеќе од 25 јазици.