Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дојдоа китовите!

Дојдоа китовите!

Почнувајќи од јули, секоја година женките од видот јужен вистински кит (Eubalaena australis) доаѓаат на јужниот брег на Санта Катарина (Бразил). Тие патуваат дури од субантарктичкиот регион, кој е оддалечен илјадници километри, за во плитките води да ги родат и хранат своите младенчиња. Неколку месеци во годината, жителите и туристите можат да уживаат додека од плажите и гребените ги гледаат мајките китови како се одмораат и весело играат со своите малечки во водата. *

Огромни суштества со неверојатни акробатски движења

Женката кит може да биде долга 16 метри, приближно колку должината на еден зглобен автобус, и да тежи до 80 тони! Огромното тело на китот најчесто има црна боја, а понекогаш може да има и бели шарки на стомакот. Главата му е многу голема, и опфаќа четвртина од целокупната должина на телото. Устата му е долга и свиена. Овој кит нема грбна перка како некои други видови. За да може да плива нанапред, ја движи широката и длабоко засечена опашка нагоре-надолу наместо лево-десно, како рибите. Правецот на движење го менува со помош на двете перки, слично како и авионите.

Интересно, иако се огромни, вистинските китови се прилично еластични и можат да прават неверојатни акробатски движења. На пример, може да се видат како долго пливаат со опашката над водата, како ја креваат и силно удираат со неа по површината на водата, или како скокаат во воздухот и повторно се нурнуваат, при што плискањето на водата може оддалеку да се забележи.

Главни физички карактеристики

На главата и околу главата овој кит има белузлави и жолтеникави калосити, односно груби делови кожа покриени со редици мали ракчиња. „Исто како и отпечатокот од прстот кај луѓето, секој калосит е уникатен“, објаснува Карина Гроч, координатор на Проектот за бразилскиот вистински кит. „Тоа овозможува да се идентификува секој кит поединечно. Кога китовите ќе дојдат на нашите брегови, правиме фотографии од нивните калосити и ги чуваме во архива.“

Биолозите велат дека е тешко да се одреди на која возраст умира вистинскиот кит бидејќи нема заби. Но, според некои нивни проценки, во просек живее најмалку 65 години. *

Необичен начин на исхрана

Вистинскиот кит се храни со мали ракчиња. Устата му служи како еден вид филтер составен од стотици рожни плочки во вид на реси наредени во два паралелни реда на секоја страна од горната вилица. Додека плива, водата поминува низ неговата отворена уста и се процедува, оставајќи го малиот плен заглавен меѓу ресите. На овој начин, китот може да изеде и до два тона ракчиња на ден.

Јужниот вистински кит во летниот период (јануари/февруари) престојува во Јужниот Океан, каде што се храни и насобира масно ткиво. Дебелиот масен слој му служи како одлична изолација кога се наоѓа во ладни води и како резервоар за храна додека мигрира.

Како го добил името?

Од 18 век наваму, ловците на китови на подрачјето на јужната хемисфера многу го ловеле овој вид. За нив, тоа бил „вистинскиот“ кит за ловење. Зошто? Бидејќи плива бавно, претставувал лесен плен дури и за ловците кои ловеле со обични дрвени чамци и со рачен харпун. Исто така, за разлика од другите китови, вистинскиот кит кога е мртов лебди по површината на водата поради големото количество масно ткиво. Затоа, ловците лесно можеле да го одвлечат до брегот.

Освен тоа, масното ткиво и рожните плочки биле вредни трговски производи. Маста се користела како гориво за уличните светилки и како средство за подмачкување. Плочките се користеле за изработка на корсети, камшици за кочии и чадори. Всушност, од рожните плочки на само еден кит можеле да се покријат трошоците за цела една експедиција!

Поради претераниот лов, до почетокот на 20 век бројот на овие китови толку многу се намалил што нивниот лов повеќе не се исплаќал. Во Бразил, во 1973 год. била затворена последната база за фаќање китови. Со текот на времето, бројот на некои видови китови се зголемил, но други сѐ уште се сметаат за загрозени видови.

Вистинскиот кит е прекрасен пример за сложеноста и разноликоста на живиот свет на нашата планета. Тој сведочи за неверојатната мудрост и моќ на оној што го создал, Големиот Творец, Јехова Бог (Псалм 148:7).

^ пас. 2 Други места каде што китовите ги раѓаат своите младенчиња се крајбрежјата на Аргентина, Австралија, Јужна Африка и Уругвај, како и на архипелагот на Нов Зеланд.

^ пас. 8 Научниците наведуваат три различни видови од родот на вистинскиот кит. Освен Eubalaena australis, кој живее на јужната хемисфера, на северната хемисфера живеат Eubalaena glacialis и Eubalaena japonica.