Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Заблуда бр. 2: Злобните одат во пекол

Заблуда бр. 2: Злобните одат во пекол

Од каде потекнува оваа заблуда?

„Од сите класични грчки филозофи, најголемо влијание врз традиционалните гледишта за пеколот имал Платон“ (Histoire des enfers — Историјата на пеколот од Жорж Миноа, страница 50).

„Од средината на 2 век од н.е., христијаните што имале познавања од грчката филозофија сметале дека треба да ја изразат својата вера со филозофски термини... Најмногу им одговарал платонизмот [учењата на Платон]“ (The New Encyclopædia Britannica од 1988, том  25, страница 890).

„Црквата учи дека има пекол и дека тој постои вечно. Веднаш по смртта, душите на оние што умираат во смртен грев се симнуваат во пеколот, каде што се казнети со мачење во ‚вечен оган‘. Најголемата мака во пеколот е вечната одвоеност од Бог“ (Катехизам на Католичката црква, издание од 1994, страница 270).

Што вели Библијата?

„Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат... зашто во гробот [на хебрејски шеол], каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10, Превод на МПЦ).

Хебрејскиот збор шеол, кој се однесувал на „местото каде што се мртвите“, во некои преводи на Библијата е преведен со „пекол“. Што ни открива овој стих за состојбата на мртвите? Дали тие страдаат во шеолот за да се искупат за своите гревови? Не, бидејќи тие „ништо не знаат“. Затоа, кога верниот Божји слуга Јов ужасно страдал поради тешка болест, го молел Бог: „О, да беше ме сокрил и криел во пеколот [на хебрејски шеол]“ (Јов 14:13, Превод на МПЦ). Какво значење би имала неговата молба ако шеолот бил место на вечно мачење? Во библиска смисла на зборот, пеколот е само симболично место во кое заминуваат мртвите луѓе и таму нема никаква активност.

Зар оваа дефиниција за пеколот не е пологична и во склад со Светото писмо? Кој грев, колку и да е страшен, би можел да го наведе Богот на љубовта вечно да мачи некого? (1. Јованово 4:8). Но, ако е заблуда дека има пекол, дали тоа значи дека нема ни рај на небото?

Спореди ги следниве библиски стихови: Псалм 146:3, 4; Дела 2:25-27; Римјаните 6:7, 23.

ФАКТ:

Бог не ги казнува луѓето во пекол