Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Дрводелецот“

„Дрводелецот“

Животот на христијаните во првиот век

„Дрводелецот“

„Зарем не е ова синот на дрводелецот?” (МАТЕЈ 13:55)

ИСУС не бил познат само како „синот на дрводелецот“ туку и како „дрводелецот“ (Марко 6:3). Занаетот веројатно го научил од својот очув, Јосиф.

Какви вештини и алатки му биле потребни на Исус за да работи како дрводелец? Кои производи и услуги им ги нудел на луѓето во Назарет? Какво влијание имало врз неговиот живот тоа што го научил дрводелскиот занает?

Семеен занает. На сликата подолу можеме да видиме како еден татко го учи својот најстар син да работи со сврдел, а помалиот син внимателно слуша и гледа.

Машките деца обично почнувале да го учат занаетот помеѓу својата 12-та и 15-та година. Најчесто тоа бил занаетот на нивниот татко. Праксата траела повеќе години, а децата требало да вложат голем напор за да ги стекнат вештините што биле потребни за да станат добри мајстори. Замисли си ги многубројните пријатни мигови што Јосиф ги поминал со Исус — работел и разговарал со него и му го пренесувал своето искуство. Сигурно Јосиф многу се гордеел кога гледал како Исус добро го совладува занаетот!

Биле потребни знаење, сила и вештина. Еден дрводелец требало добро да ги познава својствата на дрвото со кое работел. Можел да ги користи дрвјата што растеле во околината, како што биле чемпресот, дабот, кедарот, јаворот и маслинката. Меѓутоа, еден дрводелец од првиот век не можел да појде во складиште за дрвена граѓа или во магацин со обработени материјали за да си избере дрво со саканите димензии. Наместо тоа, морал да оди во шумата, да одлучи кои дрвја ќе ги користи, потоа да ги исече, а на крај да ги довлечка тешките трупци до својата работилница.

Како ја користел дрводелецот дрвената граѓа што ќе ја подготвел? Со часови работел под ведро небо, помагајќи во изградбата на куќи. Обработувал греди за покривот и рачно правел внатрешни скали, врати и прозорци.

Дрводелецот правел и мебел. На сликата можеме да видиме некои од тие производи — креденци со фиоки, полици или вратички (1); столчиња (2), столици (3) и маси (4) со различни форми и димензии; како и колевки за бебиња. За да декорира некои делови од мебелот, користел фино дрво на кое резбал различни украсни шари. А за да ги заштити и разубави тие предмети, ги премачкувал со восок, лак или масло.

Дрводелецот изработувал и производи за потребите на земјоделците — правел јареми (5) од тврдо дрво, како и вили, гребла и лопати (6). Плуговите (7) што ќе ги направел морале да бидат цврсти и издржливи, бидејќи нивните метални запци копале бразди низ каменлива почва. Освен тоа, правел запрежни коли (8) и коњски коли, а мајсторски изработувал и големи тркала за тие превозни средства. Негова работа било и да ги поправа и да ги одржува во добра состојба мебелот, алатките и превозните средства што ги изработувал.

Можеш ли да си претставиш какви траги оставило врз физичкиот изглед на Исус тоа што работел како дрводелец? Замисли си ја неговата потемнета кожа од сонцето на Блискиот Исток, неговите силни мускули од тешката физичка работа, и огрубените раце од рапавото дрво и од работата со секири, чекани и пили.

Инспирација за споредби. За да објасни длабоки духовни вистини, Исус користел споредби во кои спомнувал едноставни, познати предмети. Дали некогаш посочувал на работи кои му биле познати како дрводелец? Да наведеме неколку примери. „Тогаш, зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?“, им рекол на група луѓе. Дрводелецот знаел колку е голема една греда (Матеј 7:3). Подоцна, на едно друго мноштво луѓе, Исус им рекол: „Никој, кој ќе ја стави раката на плугот, па се обѕрнува на она што е одзади, не е погоден за царството Божје“. Тој сигурно имал направено многу плугови (Лука 9:62). Во една од своите најсрдечни покани спомнал дел од опремата што ја изработувал дрводелецот. „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене“, рекол Исус. „Мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:29, 30). Секако дека Исус добро знаел како се прави јарем што не ја разранува кожата, туку е „пријатен“, односно удобен за носење.

Можеби противниците на Исус со презир го нарекувале „синот на дрводелецот“. Сепак, исто како во првиот век, и денес за христијаните е голема чест да одат по стапките на овој понизен човек кој некогаш бил дрводелец.

[Рамка/слики на страница 26]

Кутијата со алати на еден дрводелец

Еден дрводелец од првиот век, како што бил Исус, требало да знае да ракува со алатите прикажани на оваа слика. Неговата пила (1) се состоела од дрвена рамка на која било прицврстено железно сечило со запци, при што можело да се сече со секое повлекување со раката. Користел и винкла (2) за прецизно мерење на прави агли, како и висок (3) за да ги провери вертикалните површини. Во неговата кутија со алати имало и либела (4), стап за мерење (5), струг со прилагодливо метално сечило кој се користел за мазнење на дрвени површини (6), како и секира (7) за сечење на дрвјата.

Исто така, дрводелецот користел направа за токарење (8) и полукружно длето (9) за сечење и обликување на дрвени гелендери, ногарки и сл. На капакот на кутијата со алати можеш да видиш дрвен чекан (10) со кој се набивале типлите во жлебовите или со кој се удирало по длетото. Можеме да видиме и мала рачна пила (11), макља (12) за моделирање и неколку шајки (13). Пред кутијата има железен чекан (14) и тесла (15) за мазнење на дрвото. На капакот има нож (16), како и длета (17) со различни димензии. На кутијата е потпрен и еден сврдел (18).