Префрли се на текстот

Дали Божјето Царство се наоѓа во твоето срце?

Дали Божјето Царство се наоѓа во твоето срце?

Што вели Библијата:

 Не. Божјето Царство не е во срцето на христијаните. a Во Библијата ова Царство е наречено ,небесно царство‘, и тоа јасно покажува дека се наоѓа на небото (Матеј 4:17). Да видиме на кој начин Библијата открива дека Божјето Царство е вистинска влада која владее од небото.

  •   Божјето Царство има свои владетели, поданици, закони и цел да овозможи Божјата волја да се врши и на небото и на Земјата (Матеј 6:10; Откровение 5:10).

  •   Божјата влада, односно Царство, ќе владее над сите „народи, племиња и јазици“ на Земјата (Даниел 7:13, 14). Владетелите на оваа влада се избрани директно од Бог, а не од нејзините поданици (Псалм 2:4-6; Исаија 9:7).

  •   Исус им кажал на своите верни апостоли дека и тие ќе бидат во Царството на небото и дека ќе ,седат на престоли‘ (Лука 22:28, 30).

  •   Божјето Царство има свои непријатели кои ќе ги уништи (Псалм 2:1, 2, 8, 9; 110:1, 2; 1. Коринќаните 15:25, 26).

 Во Библијата не пишува дека небесното Царство е во нашето срце, односно дека тоа владее во нас. Но, таа ни кажува дека „речта за царството“ или ,добрата вест за царството‘ може и треба да влијае врз нашето срце (Матеј 13:19; 24:14).

Што значи изјавата „Царството Божјо е во вас“?

 Некои луѓе се збунети и не знаат каде се наоѓа Божјето Царство поради различните преводи на Лука 17:21. На пример, во Преводот на МПЦ пишува: „Царството Божјо е во вас“. За исправно да ја разбереме оваа изјава, мора да го земеме предвид контекстот во кој била кажана.

Божјето Царство не било во срцето на тврдокорните и злобни противници на Исус

 Исус ја кажал оваа изјава кога зборувал со фарисеите, група верски водачи кои биле против него и сакале да го погубат (Матеј 12:14; Лука 17:20). Според ова, дали е логично да заклучиме дека Царството било во нивното тврдокорно срце? Исус им рекол: „Однатре сте полни со лицемерство и беззаконие“ (Матеј 23:27, 28).

 Од таа причина, во други преводи на Библијата на македонски јазик зборовите на Исус точно се преведени со „меѓу вас“ (Превод Нов свет) или „во вашата средина“ (Превод на д-р Д. Х. Константинов). Божјето Царство било меѓу нив или во нивната средина во таа смисла што Исус, оној кого Бог го избрал за владетел на тоа Царство, стоел пред нив (Лука 17:21).

a Многу христијански религии поучуваат дека Божјето Царство е во самите луѓе, односно во нивното срце. На пример, според Јужните баптисти во САД, Божјето Царство делумно го претставува „владеењето на Бог во срцето и во животот на секој човек“. Слично на ова, во својата книга Исус од Назарет, папата Бенедикт XVI напишал дека „Божјето Царство доаѓа кога имаме послушно срце“.