Префрли се на текстот

Дали сите религии водат до Бог?

Дали сите религии водат до Бог?

Што вели Библијата

 Не. Сите религии не водат до Бог. Во Библијата читаме за многу религии кои Бог не ги одобрува. Нив главно може да ги поделиме на две категории.

Категорија 1: Обожавање на лажни богови

 Во врска со лажните богови, Библијата вели дека тие се „ништожни“ и дека од нив „нема никаква корист“ (Еремија 10:3-5; 16:19, 20) На израелскиот народ од старо време, Јехова a Бог му заповедал: „Немој да имаш други богови освен мене“ (2. Мојсеева 20:3, 23; 23:24). Кога Израелците обожавале други богови, Јехова многу се гневел на нив (4. Мојсеева 25:3; 3. Мојсеева 20:2; Судиите 2:13, 14).

 Бог сѐ уште го има истото гледиште кон обожавањето на таканаречените „богови“ (1. Коринќаните 8:5, 6; Галатите 4:8). На луѓето што сакаат да му служат нему тој им заповедал да се одвојат од оние што обожаваат лажни богови. Бог рекол: „Излезете од нивната средина и одвојте се“ (2. Коринќаните 6:14-17). Ако сите религии водат до Бог, тогаш зошто тој би дал една ваква заповед?

Категорија 2: Обожавање на вистинскиот Бог на начин што тој не го одобрува

 Во начинот на кој го обожавале Бог, Израелците понекогаш вметнувале верувања и обичаи кои биле својствени за народите што обожавале други богови. Сепак, Јехова не го прифатил тој обид да се измеша вистинската религија со лажната (2. Мојсеева 32:8; 5. Мојсеева 12:2-4). Исус ги осудил верските водачи од негово време поради начинот на кој го обожавале Бог. Тие оставале впечаток дека се побожни но, всушност, биле лицемерни бидејќи го занемарувале „она што е поважно во законот: правдата, милосрдноста и верноста“ (Матеј 23:23).

 На сличен начин денес, само онаа религија која се темели на вистината ги води луѓето до Бог. Таа вистина се наоѓа во Библијата (Јован 4:24; 17:17; 2. Тимотеј 3:16, 17). Сите религии чиишто учења не се во склад со Библијата, всушност, ги оддалечуваат луѓето од Бог. Многу учења за коишто луѓето мислат дека се темелат на Библијата, меѓу кои се учењата за тројство, за бесмртност на душата и за вечно мачење, влечат корени од обожавањето на лажни богови. Религиите што шират такви учења немаат никаква вредност бидејќи ги занемаруваат Божјите барања и се држат за верски традиции (Марко 7:7, 8).

 Бог го мрази лицемерството во религиите (Тит 1:16). За да им помогне на луѓето да се зближат со Бог, една религија не треба да се состои само од верски обреди и традиции туку треба да влијае врз секојдневниот живот на верниците. На пример, Библијата вели: „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно. Почитувањето [односно религијата] кое е чисто и неизвалкано пред нашиот Бог и Татко е ова: да се грижиш за сираците и за вдовиците во нивната неволја и да се чуваш од валканоста на овој свет“ (Јаков 1:26, 27).

a Јехова е името на вистинскиот Бог кое го дознаваме од Библијата.