Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Разговарај со децата за алкохолот

Разговарај со децата за алкохолот

 „Нашата ќеркичка имаше шест години кога првпат зборувавме со неа за алкохолот. На наше изненадување, таа знаеше многу повеќе за тоа од она што го очекувавме“ (Александар).

 Што треба да знаеш

 Многу е важно да разговараш со децата за алкохолот. Немој да чекаш твоето дете да порасне пред да зборуваш со него на оваа тема. Хамит од Русија вели: „Требаше многу порано да зборуваме со нашиот син за умерената употреба на алкохол. За жал, го сфатив ова дури откако открив дека редовно пиел уште од 13 години. Тоа беше тешка лекција за мене“.

 Зошто ова е важно и за тебе?

  •   Соучениците, рекламите и телевизијата можат да влијаат врз тоа каков став ќе има твоето дете кон алкохолот.

  •   Според едно неодамнешно истражување во кое биле вклучени 4.219 ученици во Македонија, 18 отсто од момчињата и 9 отсто од девојчињата на 15-годишна возраст консумираат алкохол најмалку еднаш седмично.

 Затоа, не е за изненадување што здравствените експерти препорачуваат родителите да ги поучат своите деца за опасностите од алкохолот што е можно порано. Како би можел и ти да го сториш тоа?

 Што можеш да направиш

 Размисли однапред што би можело да те праша детето. Дечињата се љубопитни, а поголемите деца се уште пољубопитни. Затоа е добро однапред да се подготвиш за да знаеш како да им одговориш. На пример:

  •   Ако твоето дете сака да знае каков вкус има алкохолот, би можел да му кажеш дека виното е слично на кисел овошен сок и дека пивото е прилично горчливо.

  •   Ако детето сака да проба алкохол, би можел да му кажеш дека алкохолот не е за деца бидејќи е премногу јак, и нивното тело не може да го поднесе. Спомни му некои од последиците. Иако оној што пие се чувствува поопуштено, ако се напие повеќе, може да има вртоглавица, да постапува неразумно и да кажува работи за кои подоцна ќе се кае (Изреки 23:29-35).

 Дознај нешто повеќе. Библијата вели: „Со делата на паметниот човек управува знаењето“ (Изреки 13:16). Информирај се за употребата на алкохолот, како и за законите и законските ограничувања што постојат во твојата земја. Така ќе бидеш добро подготвен за да можеш да му помогнеш на твоето дете.

 Не чекај детето да те праша — ти започни разговор на оваа тема. Марк од Британија, кој и самиот е родител, вели: „Децата не се сигурни што е во ред, а што не е во ред во врска со алкохолот. Еднаш го прашав мојот осумгодишен син што мисли — дали е исправно или погрешно да се пие алкохол. Му го поставив ова прашање во опуштен и пријатен разговор. Тоа му помогна слободно да ми каже што мисли“.

 Разговарај со детето за алкохолот во повеќе наврати за да сфати колку сериозно е тоа. Во склад со неговата возраст, зборувај за оваа тема кога го поучуваш и за други важни работи како, на пример, за интимните односи или за тоа како да внимава на сообраќајот.

 Дај им добар пример. Децата се како сунѓери — впиваат сѐ што се случува околу нив. А истражувањата покажуваат дека родителите можат најмногу да влијаат врз нив. Ова значи дека, ако пиеш алкохол главно за да се смириш или да се опуштиш од стресот, твоето дете ќе добие впечаток дека алкохолот е решение за животните грижи. Затоа, дај им добар пример на децата така што самиот ќе постапуваш одговорно кога станува збор за пиење алкохол.

Твојот добар пример ќе им помогне на децата да научат како да гледаат на алкохолот