Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА

Кога имате различно мислење

Кога имате различно мислење

 Различни интереси, различни навики, различни карактери — сето тоа може да биде причина за недоразбирање меѓу брачните парови. Но некои работи, како овие што се наведени подолу, можат да бидат уште поголем предизвик:

  •   Колку време да се поминува со роднините

  •   Како да се трошат парите

  •   Да се има деца или не

 Што ако ти и твојот сопружник имате различно мислење за нешто?

 Што треба да знаеш

 Не постојат две идентични личности. Дури и кај брачните парови кои честопати имаат слични гледишта за работите се појавуваат разлики, и тоа за работи кои се многу важни.

 „Пораснав во семејство каде што сите беа многу блиски. За викендите одевме на гости кај баба ми и дедо ми, кај чичковците и тетките и кај братучедите. Но во семејството на маж ми не било баш така. Затоа немавме ист став во врска со тоа колку време да им посветиме на нашите родители и колку често да се слушаме со роднините кои живеат далеку од нас.“ (Тамара)

 „Јас и жена ми имавме различни ставови во врска со тоа како да се трошат парите. Токму поради тоа, уште во првите неколку месеци од бракот, се појавија некои караници. Ни требаше повеќе време и повеќе дискусии за да го решиме проблемот.“ (Тајлер)

Две личности може да набљудуваат еден ист пејзаж, а сепак да забележат различни работи. Нешто слично може да биде и со некој проблем околу кој брачните партнери не се сложуваат

 Некои проблеми немаат едноставно решение. Што ако некој од родителите се разболе и му треба нега? Или, што ако едниот брачен другар сака деца, а другиот не? a

 „Со жена ми неколкупати имавме долги дискусии во врска со тоа дали да имаме деца. Кај нејзе сѐ повеќе расте желбата да имаме деца, и сѐ повеќе се разликува нашиот став во врска со оваа тема. Не гледам како може да најдеме заеднички јазик.“ (Алекс)

 И покрај различните гледишта може да најдете заеднички јазик. Некои брачни советници велат дека, ако со брачниот партнер имате различни гледишта околу некоја важна работа, треба да направите сѐ за да го добиете она што го сакате, дури и по цена на развод. Но зарем ова „решение“ не е себично? Зарем не се заветува пред Бог дека ќе бидеш покрај својот брачен другар и покрај сѐ?

 Што може да направиш

 Биде решен да се држиш за својот брачен завет. Ако и двајцата го имате ова на ум, на проблемите ќе им приоѓате како тим, а не како противници.

 Библиско начело: „Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:6)

 Пресметај го трошокот. На пример, да речеме дека едниот брачен другар сака деца, а другиот не. Во овој случај треба да се земат предвид повеќе работи како, на пример:

  •   Колку цврст е вашиот брак.

     Дали ќе можете да се носите со дополнителниот стрес кој доаѓа од грижата за нов член во семејството?

  •   Одговорноста што ја носи родителството.

     Во ова е вклучено повеќе отколку само да се обезбеди храна, алишта и покрив над главата.

  •   Вашата финансиска состојба.

     Ќе можете ли да држите рамнотежа помеѓу работата, семејството и другите обврски?

 Библиско начело: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот?“ (Лука 14:28)

 Земи предвид повеќе факти. На тој начин, можеби ќе се расчистат некои аспекти од проблемот. На пример, ако имате несогласување во врска со тоа дали да имате деца, сопружникот кој е против тоа, може да се праша:

  •   „Кога велам дека не сакам да имаме деца, дали не сакам да имаме деца никогаш или само во моментов?“

  •   „Дали не сакам деца затоа што сметам дека нема да можам да бидам добар родител?“

  •   „Дали се плашам дека сопружникот ќе ме запостави?

 Од друга страна, сопружникот што сака да има деца, може да се праша:

  •   „Дали ќе може да се носиме со одговорностите што ги има еден родител?“

  •   „Дали ќе може да се грижиме за трошоците?“

 Библиско начело: „Мудроста одозгора е... разумна“ (Јаков 3:17).

 Обиди се да најдеш што е позитивно во гледиштето на твојот брачен другар. Да речеме дека две личности набљудуваат еден прекрасен пејзаж. Дали и двајцата ќе ги забележат истите работи? Не. На сличен начин, на еден ист проблем, брачните парови може да гледаат од сосема друг агол — на пример за тоа како да се трошат парите. Пред да почнете да разговарате за што не се сложувате околу некоја работа, најпрвин обидете се да разговарате за кои аспекти од таа работа се сложувате.

  •   Кои се вашите крајни цели?

  •   Можеш ли да најдеш нешто позитивно во гледиштето на другиот?

  •   Може ли еден од вас или и двајцата да направите некаква отстапка за доброто на вашиот брак?

 Библиско начело: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

a За некои важни работи треба да се разговара пред да се стапи во брак. Сепак, може да се појават непредвидени ситуации или некој од брачните другари со тек на времето да почне да гледа поинаку на некоја работа (Проповедник 9:11).