Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Како да се справиме со стресот

Како да се справиме со стресот

„Се чувствував како глувче што трча во тркало, а никаде не стигнува. Честопати работев по 16 часа дневно и ретко бев слободен за викендите. Бев нервозен. Никогаш не можев да ја видам ќерка ми — кога ќе си дојдев, таа веќе беше заспана. Поради стресот се разболев“ (Кари, Финска).

ОВА не е единствениот ваков случај. Според една добротворна организација за ментално здравје од Обединетото Кралство, секој петти вработен Британец рекол дека стресот бил причина да се разболи, а поради неподносливиот притисок секој четврти се расплакал на работа. Во 2009 год., поради рецесијата, бројот на рецепти за антидепресиви доживеа невиден пораст.

Која е причината за твојот стрес?

  • Несигурност, на пример, финансиска

  • Напорно темпо

  • Несогласувања

  • Трауми

Како влијае стресот врз тебе?

  • Влошено здравје

  • Емоционална исцрпеност

  • Проблеми со спиењето

  • Депресија

  • Нарушени односи

 Стресот активира во твоето тело еден неверојатен систем — еден вид одбранбен механизам. Се лачат хормони кои го забрзуваат дишењето и пулсот и го покачуваат крвниот притисок. Исто така, се покачува и нивото на крвни клетки и гликоза во крвта. Ваквата верижна реакција те подготвува да го поднесеш стресот. Кога стресот ќе помине, телото се враќа во нормала. Но, ако стресната ситуација потрае, тоа може да доведе до хронична анксиозност или чувство на постојана напнатост. Тогаш телото е како мотор што постојано е под полн гас. Според тоа, многу е важно да научиш како да се справиш со стресот, зашто тој се одразува врз твоето физичко и ментално здравје.

Како да се справиш со стресот

Стресот сам по себе не е секогаш штетен. Во еден извештај на Американското здружение на психолози стои: „Нашето тело реагира на стрес како што една виолинска жица реагира на затегање — ако е премногу лабава, звукот ќе биде слаб и рапав, а ако е премногу затегната, ќе дава пискав звук или ќе пукне. Стресот може да биде или отров или зачин. Прашањето е како да се справиме со него“.

Уште еден фактор што треба да се земе предвид е тоа што ние луѓето се разликуваме според темпераментот и конституцијата. Затоа, една иста работа за некого ќе биде стресна, за друг не. Имајќи го ова на ум, ако поради секојдневните обврски си толку напнат што не можеш да се опуштиш или да се справиш со неочекувани ситуации, веројатно си под преголем стрес.

Решение за хроничниот стрес некои бараат во алкохолот, дрогата или цигарите. На други вентил им е храната — јадат или премногу или премалку. Некои, пак, пасивно седат пред телевизорот или пред компјутерот. Но, ваквите навики не само што не го решаваат вистинскиот проблем туку може и да го влошат. Тогаш, како да научиме успешно да се носиме со стресот?

Многу луѓе успеале да се справат со стресовите со помош на практичните совети од Библијата. Би можеле ли овие мудри совети да ти помогнат и тебе? Да разгледаме четири вообичаени причини за стрес и да видиме како Библијата може да ни помогне да се справиме со нив.

 1 НЕСИГУРНОСТ

Нема човек што се чувствува потполно сигурно. Библијата јасно кажува дека ‚времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нас‘ (Проповедник 9:11). Како да се бориш со чувствата на несигурност? Еве неколку предлози.

  • Довери му се на некој од семејството или на некој пријател. Истражувањата покажуваат дека поддршката од блиските е одлична превентива од болестите поврзани со стрес. И Библијата потврдува дека „вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).

  • Немој да си го замислуваш најцрното сценарио. Тоа само ќе те исцрпи емоционално. А она од што се плашиш можеби нема ни да се случи! Библијата со добра причина вели: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло“ (Матеј 6:34).

  • Црпи сила од молитвата. Во 1. Петрово 5:7 стои: „Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“. Бог покажува дека се грижи за нас со тоа што ни дава внатрешен мир и нѐ уверува дека ‚никогаш нема да ги напушти‘ оние што бараат утеха и поддршка од него кога им е тешко (Евреите 13:5; Филипјаните 4:6, 7).

2 НАПОРНО ТЕМПО

Животот станува сѐ побрз, а со тоа и стресот станува сѐ поголем — трчаш на работа, дома те чекаат обврски, се грижиш за децата или за остарените родители итн. А што е уште полошо, некои од овие работи едноставно не можеш да ги изоставиш (1. Тимотеј 5:8). Тогаш, што можеш да направиш за стресот да не те скрши?

  • Најди си време да се опуштиш и да се одмориш. Библијата вели: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6).

  • Дај им приоритет на важните работи и живеј скромно (Филипјаните 1:10). Размисли како би можел да живееш поедноставно, можеби така што ќе трошиш помалку или ќе најдеш работа со разумно работно време (Лука 21:34, 35).

Кари, кој беше спомнат во почетокот, размислил малку подлабоко за својот живот. „Сфатив дека живеев себично“, напишал тој. Ја продал фирмата и нашол работа со која можел да поминува повеќе време дома. „Во финансиски поглед имаме помалку“, признава тој, „но јас и жена ми веќе не сме постојано под стрес и имаме многу повеќе време за семејството и пријателите. Внатрешниот мир што сега го имам не би го менувал за никаква бизнис можност.“

 3 НЕСОГЛАСУВАЊА

Несогласувањата, особено на работното место, може да бидат многу стресни. Ако и ти имаш вакви проблеми, еве неколку предлози што можат да ти помогнат.

  • Кога некој ќе те изнервира, потруди се да останеш смирен. Не додавај масло на огнот. „Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина“, пишува во Изреки 15:1.

  • Труди се несогласувањата да ги решаваш насамо и со почит, внимавајќи на достоинството на другиот (Матеј 5:23-25).

  • Стави се во кожата на другиот, односно потруди се да ги сфатиш неговите чувства и ставови. Библијата вели дека тоа ќе те спречи да се гневиш (Изреки 19:11). Но, ќе ти помогне и да се видиш самиот себе.

  • Простувај. Да простуваш не само што е убаво туку е и корисно за здравјето. Како што покажува едно истражување од 2001 год., „оние што не се спремни да простат“ имаат „значително повисок“ крвен притисок и побрз пулс, а оние што спремно простуваат имаат помалку стресови (Колошаните 3:13).

4 ТРАУМИ

Нинг, која живее во Камбоџа, ја снашле многу трагедии во животот. Во 1974 год., била повредена при експлозија на бомба на еден аеродром. Следната година ѝ починале двете деца, мајка ѝ и сопругот. Во 2000 год., во пожар го изгубила домот и сѐ што имала, а три години подоцна починал и нејзиниот втор маж. Тоа било премногу и размислувала да си го одземе животот.

„Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд“

Но, Нинг нашла излез од очајот. Исто како Кари, и таа ја проучувала Библијата, а она што го дознала од неа многу ѝ помогнало. Затоа, почнала и самата да им кажува на другите за помошта што ја нашла во Божјата Реч. Нејзината приказна го потврдува заклучокот од едно истражување спроведено во 2008 год. во Британија. Истражувачите увиделе дека една работа што може да ни помогне „да издржиме кога сме под стрес... е да даваме“ — совет што многу одамна бил запишан во Библијата (Дела 20:35).

Нинг нашла уште нешто — сигурна надеж за подобра иднина, иднина во која ќе ги снема проблемите што денес го мачат човештвото. Тогаш „ќе има голем мир“ по целата Земја (Псалм 72:7, 8).

Две бесценети работи што ќе ни помогнат да се справиме со многуте стресови што ги носи животот се реална надеж и мудрост, а нив можеме да ги најдеме во Библијата. Оваа неверојатна книга веќе им помогнала на милиони луѓе, а може да ти помогне и тебе.