Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 5

Да ги ценат советите од возрасните

Да ги ценат советите од возрасните

КОЈ ТРЕБА ДА ИМ ДАВА СОВЕТИ НА ДЕЦАТА?

Децата имаат потреба покрај нив да биде некој возрасен кој ќе ги поучува и ќе им дава совети. Како родител, ти си во најдобра положба да ја исполниш таа улога. Всушност, ти си должен да го правиш тоа. Но, и други возрасни лица можат да ги советуваат твоите деца и да им помагаат.

ЗОШТО СОВЕТИТЕ НА ВОЗРАСНИТЕ СЕ ВАЖНИ?

Во многу земји, младите поминуваат малку време со возрасните. Размисли за следново:

  • Децата поминуваат голем дел од денот на училиште, каде што има многу повеќе ученици отколку наставници.

  • Кога ќе се вратат дома, некои деца се сами затоа што и двајцата родители мора да работат.

  • Според едно истражување во САД, децата на возраст од 8 до 12 години поминуваат просечно по шест часа на ден пред телевизор, пред компјутер или користејќи друг електронски уред. *

Во една книга пишува: „Наместо да бараат совети од родителите, наставниците и други зрели возрасни лица, младите бараат совети од... своите врсници“ (Hold On to Your Kids).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Поминувај време со децата.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“ (Изреки 22:6).

Децата обично се потпираат на помошта од родителите. Всушност, стручњаците велат дека дури и тинејџерите повеќе ги ценат советите од своите родители отколку од врсниците. Во една книга, д-р Лоренс Стајнберг пишува: „Родителите имаат најголемо влијание врз ставовите и однесувањето на своите деца, како во периодот на пубертетот така и во доцните тинејџерски години“. Тој додава: „Тинејџерите го слушаат она што им го кажуваш и важно им е што мислиш иако секогаш не го признаваат тоа или не се согласуваат со сѐ“ (You and Your Adolescent).

Бидејќи твоите деца имаат природна потреба да добиваат совети од тебе како родител, дај сѐ од себе за да им ја задоволиш таа потреба. Поминувајте време заедно и кажувај им што мислиш за одредени работи, што ти е важно и што си научил во животот.

Погрижи се децата да се дружат со некој што може да им дава добри совети.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изреки 13:20).

Размисли кое возрасно лице би можело да им биде добар пример на твоите деца. Би можел ли да се погрижиш да поминува време со него? Се разбира, ова не значи дека треба да му ја препуштиш на некој друг одговорноста што ја имаш како родител. Сепак, некој возрасен во кого имаш доверба и кој знаеш дека нема да им наштети на твоите деца може да го надополни она што ти го правиш за нив. Во Библијата се зборува за Тимотеј, кој дури и како возрасен имал голема корист од тоа што се дружел со апостол Павле, кој бил многу постар од него. А и на Павле многу му значело пријателството со Тимотеј (Филипјаните 2:20, 22).

Денес многу семејства не живеат заедно во ист дом или во исто место. Можеби бабите, дедовците и роднините живеат дури и во друг дел од светот. Ако ова е случај и со вас, погрижи се твоите тинејџери да учат од други возрасни кои имаат особини што би сакал да ги имаат твоите деца.

^ пас. 9 Ова истражување покажало дека тинејџерите во просек поминуваат речиси девет часа на ден користејќи некаков електронски уред. Во ова не е вклучено времето што го минуваат на компјутер кога се на училиште или додека пишуваат домашни задачи.