Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 1

Како може да им користи самоконтролата

Како може да им користи самоконтролата

ШТО Е САМОКОНТРОЛА?

Оној што има самоконтрола

  • стрпливо чека да го добие она што го сака

  • не реагира импулсивно

  • врши работи кои можеби и не му се допаѓаат

  • ги става другите пред себеси

ЗОШТО САМОКОНТРОЛАТА Е ВАЖНА?

Децата што имаат поголема самоконтрола можат да се спротивстават на искушението да направат нешто лошо, дури и кога тоа им се чини многу привлечно. За разлика од нив, децата што имаат помала самоконтрола веројатно

  • ќе бидат насилни

  • ќе бидат депресивни

  • ќе пушат, ќе се опиваат или ќе земаат дрога

  • нема да се хранат здраво

Според едно истражување, оние што покажуваат самоконтрола уште како деца, кога ќе пораснат, имаат помалку проблеми со здравјето, со парите и со законот. На темел на тоа истражување, Ангела Дакворт, професор на Универзитетот во Пенсилванија, заклучила: „Од самоконтролата никогаш нема штета“.

КАКО ДА ГИ НАУЧИШ ДЕЦАТА ДА ПОКАЖУВААТ САМОКОНТРОЛА

Научи да кажеш „не“ и да си стоиш на тоа.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Кога ќе речете: ’Да‘, тоа нека значи ’да‘, а кога ќе речете: ’Не‘, тоа нека значи ’не‘“ (Матеј 5:37).

За да го добијат она што го сакаат, малите деца честопати знаат да плачат, да врескаат и да прават сцени, дури и на јавни места. Ако родителите попуштат, детето ќе мисли дека тоа е ефикасен начин нивното ’не‘ да се смени во ’да‘.

Но, ако родителот каже ’не‘ и си стои на тоа, детето ќе научи една важна животна вистина — дека не можеме секогаш да го добиеме она што го сакаме. „Иронично е што луѓето кои го научиле тоа, всушност, се посреќни“, вели д-р Дејвид Волш. „Не им правиме никаква услуга на децата ако ги учиме дека секогаш ќе го добијат на тацна она што ќе го посакаат.“ *

Ако уште сега знаеш да му кажеш ’не‘ на детето, и самото ќе знае да каже ’не‘ кога подоцна во животот можеби ќе се најде на искушение да зема дрога, да има предбрачен секс или да прави нешто друго со кое би можело да си наштети себеси или на другите.

Помогнете им на децата да размислуваат за последиците.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7).

Твоето дете треба да сфати дека постапките си носат последици — било добри било лоши — и дека ќе си има проблеми ако не покажува самоконтрола. На пример, ако твојот син лесно избувнува кога ќе се налути, луѓето веројатно ќе го избегнуваат. Од друга страна, ако научи да се воздржува кога нешто ќе го испровоцира и да не ги прекинува другите кога зборуваат, луѓето ќе сакаат да бидат во негово друштво. Помогни му на детето да разбере дека е за негово добро да покажува самоконтрола.

Научи го детето да проценува што е најважно.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Проценете што е најважно (Филипјаните 1:10).

Самоконтролата ни помага да не правиме погрешни работи, но ни помага и да го правиме она што мораме иако можеби не ни се допаѓа. Твоето дете треба да научи да проценува кои работи се најважни, и прво да ги направи нив. На пример, прво треба да ја напише домашната задача, а потоа може да си игра.

Дај им добар пример на децата.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:15).

Твоето дете гледа како реагираш кога ќе се случи нешто што ќе те вознемири или налути. Покажи му со својот пример дека самоконтролата секогаш води до подобри резултати. На пример, кога тоа ќе ја стави на испит твојата стрпливост, дали реагираш бурно или остануваш смирен?

^ пас. 20 Од книгата No: Why Kids — of All Ages — Need to Hear It and Ways Parents Can Say It.