Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Фрлете ги сите грижи на Јехова

Фрлете ги сите грижи на Јехова

Сите свои грижи фрлете ги на Јехова, зашто тој се грижи за вас (1. ПЕТ. 5:7)

ПЕСНИ: 60, 23

1, 2. а) Зошто и ние како Божји слуги понекогаш сме загрижени? (Види ја сликата погоре.) б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ДЕНЕС Сатана „оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Пет. 5:8; Отк. 12:17). Затоа не нѐ чуди што и ние како Божји слуги понекогаш сме загрижени. И Јеховините слуги во минатото се измачувале со грижи. На пример, Библијата вели дека цар Давид понекогаш бил вознемирен и загрижен (Пс. 13:2). А апостол Павле го притискала „грижата за сите собранија“ (2. Кор. 11:28). Што можеме да правиме кога сме оптоварени со грижи?

2 Нашиот небесен Татко им помагал на своите слуги во минатото да не бидат претерано загрижени, а сака да ни помогне и нам. Библијата нѐ поттикнува: „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Пет. 5:7). Како може да го сториме тоа? Така што: 1) ќе се молиме; 2) ќе ја читаме Божјата реч и длабоко ќе размислуваме за неа; 3) ќе дозволиме светиот дух да влијае врз нашиот живот и 4) ќе разговараме за своите чувства со некој доверлив пријател. Додека ги разгледуваме овие четири начини, размислувај на кои подрачја би можел да се подобриш.

„ФРЛИ ГО СВОЕТО БРЕМЕ НА ЈЕХОВА“

3. Како можеш да го фрлиш „своето бреме на Јехова“?

3 Првиот начин на кој можеме да ги фрлиме своите грижи на Јехова е да му го излееме срцето во молитва. Кога се чувствуваш несигурно, уплашено или загрижено, сподели ги со него своите најдлабоки чувства. Псалмистот Давид го преколнувал Јехова: „Боже, приклони го увото кон молитвата моја“. Во истиот псалм, тој рекол: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Пс. 55:1, 22). Откако ќе направиш сѐ што можеш за да го решиш проблемот, ќе биде многу подобро да продолжиш горливо да се молиш наместо да се грижиш. Но, како може молитвата да ни помогне да не се преокупираме со немирни мисли? (Пс. 94:18, 19).

4. Зошто е многу важно да се молиме кога сме притиснати од грижи?

4 Прочитај Филипјаните 4:6, 7. Како Јехова ни одговара кога му се молиме искрено и истрајно? Тој може да ни даде душевен мир кој ќе ни помогне да се избориме со негативните мисли и чувства. Многу наши браќа и сестри можат да го потврдат ова од лично искуство. Наместо да се измачуваат со загриженост и неразумен страв, Бог им помогнал да чувствуваат неопислив внатрешен мир. И ти можеш да стекнеш таков мир. Всушност, „мирот Божји“ може да ти помогне да пребродиш секакви неволји! Можеш да имаш целосна доверба во следново Јеховино ветување: „Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“ (Иса. 41:10).

БИБЛИЈАТА НИ ПОМАГА ДА СТЕКНЕМЕ ДУШЕВЕН МИР

5. Како Библијата може да ни помогне да стекнеме душевен мир?

5 Вториот начин на кој можеме да стекнеме душевен мир е да ја читаме Божјата Реч и да размислуваме за библиските стихови. Зошто ова е важно? Затоа што Библијата содржи мудри и практични совети од самиот наш Творец. Можеш многу да се зајакнеш ако длабоко размислуваш за нив и за тоа како да ги примениш. Тоа ќе ти помогне да ги ублажиш грижите, да се избориш со нив, па дури и да ги избегнеш. Јехова јасно кажал дека е неопходно да ја читаме неговата Реч за да не се плашиме, туку да бидеме цврсти и храбри (Ис. Нав. 1:7-9).

6. Каква доверба ти влеваат зборовите на Исус?

6 Во Божјата Реч е запишано и она што го кажал Исус. Луѓето со задоволство го слушале затоа што неговите зборови им влевале утеха и сила. Тој ги тешел измачените души, ги зајакнувал слабите и ги храбрел потиштените. (Прочитај Матеј 11:28-30.) На Исус му биле многу важни духовните, емоционалните и физичките потреби на другите (Мар. 6:30-32). Тој ветил дека ќе им помага на своите ученици. Ова ветување важело за апостолите кои оделе со него, а важи и за неговите следбеници денес. Се разбира, не мора да биде лично до нас за да ни ја даде потребната поддршка. Како наш небесен Цар, Исус и понатаму ни покажува љубов и сочувство. Затоа, ако си притиснат од грижи, биди уверен дека тој спремно ќе ти помогне во вистинско време. Исус навистина може да го исполни твоето срце со надеж и храброст за да имаш сили да се справиш со грижите (Евр. 2:17, 18; 4:16).

ПЛОДОВИТЕ НА БОЖЈИОТ ДУХ

7. Како ни помага светиот дух?

7 Исус ветил дека нашиот Татко ќе ни даде свет дух ако го молиме за тоа (Лука 11:10-13). Ова е третиот начин кој може да ни помогне да се справиме со грижите. Под влијание на Божјиот свет дух, можеме да ги развиваме убавите особини што ги има нашиот Семоќен Бог. (Прочитај Галатите 5:22, 23; Кол. 3:10.) Така ќе имаме подобри односи со другите и нема да се доведуваме во ситуации кои би можеле да ни причинат загриженост. Да видиме на кои конкретни начини можат да ни помогнат плодовите на духот.

8-12. Како можат да ти помогнат плодовите на Божјиот свет дух?

8 „Љубов, радост, мир.“ Ако покажуваш почит кон другите, ќе имаш помалку стресови во животот. Во која смисла? Па, ако искрено ги сакаш другите и ако им искажуваш чест, ќе можеш да избегнеш ситуации што би можеле да те вознемират, да те изнервираат и да те стават под силен притисок. Тоа ќе ти помогне да останеш во мир со оние околу тебе (Рим. 12:10).

9 „Стрпливост, љубезност, доброта.“ Библијата вели: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг“ (Еф. 4:32). Ако сме послушни на овој совет, ќе имаме мирољубиви односи со другите и нема да се доведуваме во ситуации што можат да ни причинат стрес и загриженост. Освен тоа, и полесно ќе се справуваме со проблемите до кои доаѓа поради нашата несовршеност.

10 „Вера.“ Многу наши грижи денес се поврзани со парите и со материјалните поседи (Изр. 18:11). Што ќе ни помогне да не се грижиме за овие работи? Мора да го послушаме советот на апостол Павле, кој рекол: „Бидете задоволни со она што го имате“. Ако имаме цврста вера во Јехова, ќе бидеме сигурни дека тој со љубов ќе ни го обезбеди она што ни е потребно. Бог ветил: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“. Затоа, слично на Павле, и ние може да кажеме: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?“ (Евр. 13:5, 6).

11 „Благост, самосовладување.“ Размисли колку е корисно да ги покажуваш овие особини. Тие ќе те спречат да направиш или да кажеш работи поради кои подоцна би можел да се измачуваш. Освен тоа, за твое добро е да ја отстраниш од себе „сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор“ (Еф. 4:31).

12 Се разбира, ќе ти биде потребна понизност за да покажеш доверба во „моќната Божја рака“ и да му ги префрлиш „сите свои грижи“ на Јехова (1. Пет. 5:6, 7). Тогаш тој ќе ти помага и ќе се грижи за тебе. Ако си свесен за своите физички, умствени и емоционални граници, нема да се потпираш на себеси, туку на Бог (Мих. 6:8). Така ќе можеш полесно да се носиш со грижите.

„НЕ БИДЕТЕ ЗАГРИЖЕНИ“

13. Што сакал да каже Исус со зборовите: „Не бидете загрижени“?

13 Исус го дал следниов мудар совет: „Не бидете загрижени“. (Прочитај Матеј 6:34.) Но, можеби ни се чини невозможно да го примениме. Што, всушност, сакал да каже Исус? Сигурно не сакал да каже дека, ако некој му служи на Бог, нема никогаш да се грижи за ништо, бидејќи веќе видовме дека Давид и Павле понекогаш биле загрижени. Наместо тоа, Исус сакал да им помогне на учениците да сфатат дека непотребната или претераната загриженост нема да ги реши проблемите. Бидејќи секој ден си носи свои предизвици, христијаните не треба додатно да се оптоваруваат со проблеми што ги имале порано или што би можеле да се појават во иднина. Како може советот на Исус да ти помогне да се избориш со претераната загриженост?

14. Што ќе ти помогне да престанеш да се измачуваш поради грешките од минатото?

14 Некои се измачуваат поради грешките што ги направиле во минатото. Можеби се борат со претерани чувства на вина затоа што направиле нешто, иако оттогаш поминале многу години. Понекогаш цар Давид се чувствувал скршено поради своите грешки. Тој рекол: „Моите престапи ми се прелија преку глава“. А потоа додал: „Офкам од липањето на моето срце“ (Пс. 38:3, 4, 8, 18). Што направил во таа ситуација? Давид покажал доверба во Јеховината милосрдност и спремност да прости. Тој со увереност рекол: „Среќен е оној кому престапот му е простен, кому гревот му е покриен“. (Прочитај Псалм 32:1-3, 5.)

15. а) Што можеш да научиш од Давид? б) Што можеш да преземеш за да ја ублажиш загриженоста? (Види ја рамката „ Како да ја ублажиш загриженоста“.)

15 Можеби понекогаш си загрижен за она што ти се случува сега. На пример, кога го напишал Псалм 55, Давид се плашел за својот живот (Пс. 55:2-5). Сепак, не дозволил стравот и грижите да му ја поткопаат довербата во Јехова. Тој горливо го молел Бог да му помогне во неволјите, но сфатил дека е важно и самиот да преземе нешто (2. Сам. 15:30-34). Што можеш да научиш од Давид? Наместо да потонеш во очај, направи сѐ што можеш за да го решиш проблемот, а потоа остави ги работите во Јеховини раце.

16. Како значењето на Божјето име може да ти ја зајакне верата?

16 Понекогаш христијаните се загрижени и за проблеми кои би можеле да се појават во иднина. Но, не треба да се грижиш за она што сѐ уште не се случило. Зошто? Затоа што честопати работите не излегуваат толку лошо колку што сме очекувале. Освен тоа, не заборавај дека не постои ситуација над која Бог нема контрола. Самото негово име значи „оној што предизвикува да стане“ (2. Мој. 3:14). Затоа не треба да се грижиме за иднината, бидејќи неговото име покажува дека тој има моќ да ги исполни сите свои намери со луѓето. Биди уверен дека Бог ќе ги благослови оние што му се верни и ќе им помогне да се справат со сите грижи, сеедно дали се поврзани со минатото, со сегашноста или со иднината.

РАЗГОВАРАЈ СО НЕКОЈ ВО КОГО ИМАШ ДОВЕРБА

17, 18. Како разговорот со некој во кого имаш доверба може да ти помогне полесно да се справиш со грижите?

17 Четвртиот начин кој може да ти помогне да се справиш со грижите е да разговараш искрено и отворено со некој во кого имаш доверба. Можеби твојот сопружник, некој близок пријател или собраниски старешина може да ти помогне поисправно да гледаш на својата ситуација. Библијата вели: „Од загриженост срцето на човекот му премалува, а добриот збор го радува“ (Изр. 12:25). Таа исто така вели: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“ (Изр. 15:22).

18 Јехова ни помага да се справиме со загриженоста и преку нашите состаноци. Таму можеш да се дружиш со браќа и сестри кои се грижат за тебе и кои сакаат да те охрабрат (Евр. 10:24, 25). Таквото заемно охрабрување ќе те зајакне и ќе ти помогне полесно да се справиш со грижите (Рим. 1:12).

ТВОЕТО ПРИЈАТЕЛСТВО СО БОГ — НАЈГОЛЕМ ИЗВОР НА СИЛА

19. Зошто можеш да бидеш уверен дека твоето пријателство со Јехова ќе ти биде извор на сила?

19 Еден старешина од Канада сфатил колку е важно да ги префрли своите грижи на Јехова. Тој има многу стресна работа како наставник, а има и анксиозно нарушување. Што му помага да се справува со емоционалните проблеми? Пред сѐ, овој брат многу се труди да го зајакне своето пријателство со Јехова. И вистинските пријатели му помагаат кога му е тешко. Исто така, тој зборува искрено и отворено за своите чувства со сопругата. Другите старешини и покраинскиот надгледник му помогнале да сфати како гледа Јехова на неговата ситуација. Освен тоа, еден лекар му помогнал подобро да ја разбере својата здравствена состојба. Овој брат успеал да направи промени во својот распоред, и да најде време за одмор и за вежбање. Со текот на времето, почнал полесно да ги контролира своите чувства. Кога не може да влијае врз некои работи, ги остава во Јеховини раце.

20. а) Како може да ги префрлиме нашите грижи на Бог? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Во оваа статија разгледавме колку е важно да му ги префрлиме своите грижи на Бог со тоа што ќе му се молиме, ќе ја читаме неговата Реч и длабоко ќе размислуваме за неа. Видовме и колку е важно да ги развиваме плодовите на Божјиот свет дух, да разговараме со некој пријател во кого имаме доверба и да одиме на нашите состаноци. Во следната статија ќе видиме како Јехова ни помага со тоа што ни ветува дека ќе нѐ награди (Евр. 11:6).