Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Добрината — неопходна во очите на Бог

Добрината — неопходна во очите на Бог

ЕДНО момче од Јапонија било длабоко допрено од добрината на еден љубезен постар човек. Овој човек, кој бил мисионер, немал дојдено во оваа азиска земја со години и не го знаел добро јапонскиот јазик. Сепак, секоја седмица го посетувал младиот човек за да разговараат за Библијата. Со љубезна насмевка и добро однесување, стрпливо одговарал на многуте прашања што ги поставувало љубопитното момче.

Добрината на мисионерот оставила неизбришлив впечаток врз овој млад човек. ‚Ако Библијата може да направи еден човек да биде толку добар и љубезен, тогаш морам да дознаам нешто повеќе за неа‘, си помислил тој. Токму тоа му требало за да почне да ја проучува Библијата — книга која била сосема непозната за него. Навистина, добрината допира длабоко до срцето и му зборува, честопати многу погласно од зборовите.

Особина што ја има Бог

Природно ни доаѓа да бидеме добри кон оние со кои сме блиски, затоа што добрината во основа значи љубов кон некого со кого сме во блиско сродство. Но, добрината пред сѐ е особина што ја има самиот Бог. Исус рекол дека неговиот небесен Татко е добар не само кон оние што го сакаат туку и „кон неблагодарните“. Тој ги поттикнал своите ученици да покажуваат добрина кон другите како што покажува и Бог. Исус рекол: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко“ (Лука 6:35; Матеј 5:48; 2. Мојсеева 34:6).

Луѓето се создадени според Божјиот лик и затоа можат да покажуваат добрина (1. Мојсеева 1:27). Тоа значи дека можеме да се угледаме на Бог и да покажуваме добрина кон многу повеќе луѓе отколку само кон оние со кои сме во роднинска врска. Библијата вели дека добрината спаѓа во плодовите на Божјиот свет дух, кои треба да ги покажуваме (Галатите 5:22). Затоа, ако учиме за Бог, нашиот Творец, и ако стануваме сѐ поблиски со него, ќе можеме да ја стекнеме оваа скапоцена особина.

Освен тоа што добрината е нераздвоен дел од човечката природа, и Бог многу ја цени. Затоа е сосема на место што тој ни вели: „Бидете милостиви еден спрема друг“ (Ефешаните 4:32). Исто така, христијаните се потсетени: „Не заборавајте ја гостољубивоста“. Зборот „гостољубивост“ на изворниот јазик значи „љубов кон непознати“, и затоа сме поттикнати да покажуваме добрина и кон оние што не ги познаваме (Евреите 13:2).

Во денешно време, кога толку многу луѓе се нељубезни и неблагодарни, можно ли е да бидеме добри кон другите, па дури и кон непознатите? Што може да ни помогне во тоа? И зошто воопшто треба да нѐ интересираат овие прашања?

Неопходна во очите на Бог

Интересно е што апостол Павле, откако зборувал за тоа дека треба да покажуваме добрина и кон непознатите, рекол: „Некои, покажувајќи ја, без да знаат нагостија ангели“. Можеш ли да замислиш како би се чувствувал да ти дојдат на гости ангели? Но, Павле го употребил изразот „без да знаат“. Со други зборови, сакал да каже дека, ако имаме навика да бидеме добри кон другите, вклучувајќи ги и непознатите, односно луѓето со кои не сме толку блиски, можеби ќе бидеме благословени на начин на кој воопшто не очекуваме.

Повеќето библиски преводи со референции ги поврзуваат зборовите на Павле со извештаите за Авраам и Лот, запишани во 1. Мојсеева поглавја 18 и 19. Таму читаме дека и кај едниот и кај другиот дошле ангели во облик на непознати луѓе кои носеле важна порака. На Авраам му било кажано дека ќе се исполни Божјето ветување дека ќе има син, а на Лот му било речено дека ќе биде спасен од уништувањето што ќе ги снајде градовите Содом и Гомор (1. Мојсеева 18:1-10; 19:1-3, 15-17).

Ако ги прочиташ наведените стихови, ќе видиш дека и Авраам и Лот покажале добрина кон патници кои воопшто не ги познавале. Се разбира, во библиски времиња било обичај и должност да се покажува гостопримство кон патниците и минувачите, без разлика дали станувало збор за пријатели, роднини или непознати. Всушност, со Мојсеевиот закон се барало Израелците да не ги запоставуваат потребите на не-Израелците што живееле меѓу нив (5. Мојсеева 10:17-19). Но, Авраам и Лот направиле и нешто повеќе од она што подоцна го барал законот. Тие вложиле големи напори да покажат добрина кон непознати и за тоа биле благословени.

Добрината на Авраам му донела благослови не само нему, со тоа што добил син, туку и нам. Како? Авраам и неговиот син Исак одиграле многу важна улога во исполнувањето на Божјата намера. Тие станале клучни ликови во семејната лоза што водела до Месијата, Исус. А нивните постапки, со кои покажале вера, предочувале како Бог, поради својата љубов и незаслужена доброта, ќе обезбеди основа за луѓето да бидат спасени (1. Мојсеева 22:1-18; Матеј 1:1, 2; Јован 3:16).

Овие извештаи на впечатлив начин покажуваат што очекува Бог од оние што ги сака и колку ја цени добрината. Во очите на Бог таа е барање, а не работа на избор.

Ако покажуваме добрина, подобро ќе го запознаеме Бог

Библијата вели дека во денешно време мнозина ќе бидат „неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите“ (2. Тимотеј 3:1-3). Веројатно и ти секој ден сретнуваш вакви луѓе. Сепак, тоа не е причина да не покажуваме добрина кон нив. Христијаните се потсетени: „Никому не враќајте зло за зло. Правете го она што сите луѓе го сметаат за добро“ (Римјаните 12:17).

Можеме да се потрудиме од сѐ срце да покажуваме добрина кон сите. Библијата вели: „Секој што покажува љубов... го познава Бог“, а еден начин на кој покажуваме дека ги сакаме другите е со тоа што сме добри кон нив (1. Јованово 4:7; 1. Коринќаните 13:4). Да, тоа што сме добри кон другите луѓе ни помага подобро да го запознаеме Бог и да бидеме посреќни. Во својата Проповед на гората, Исус рекол: „Среќни се добрите затоа што ќе најдат добрина. Среќни се оние со чисто срце затоа што ќе го видат Бог“ (Матеј 5:7, 8, Young’s Literal Translation).

Кога не знаеш што да направиш или што да кажеш во некоја ситуација, направи го она со кое ќе покажеш добрина

Размисли за Аки, една млада домаќинка од Јапонија која има два сина. По ненадејната смрт на нејзината мајка, таа паднала во тешка депресија. Понекогаш се чувствувала толку лошо што морала да оди на лекар. Во тоа време, во нејзиното соседство се доселило едно семејство. Бидејќи кратко пред тоа таткото загинал во сообраќајна несреќа, останале само мајката и нејзините пет малолетни деца. На Аки ѝ било многу жал за тоа семејство и се потрудила да се спријатели со мајката и децата. Таа правела сѐ што можела за да им помогне — им давала храна, облека и слично. Тоа ѝ помогнало на Аки повторно да ја врати својата емоционална стабилност. На своја кожа почувствувала колку се вистинити следниве зборови од Библијата: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Да, покажувањето добрина кон другите е најубавото нешто што можеш да го направиш за себе кога се чувствуваш потиштен.

„Заем на Јехова“

Не значи дека ќе те чини многу тоа што ќе покажуваш добрина. Исто така, добрината не зависи од твојата способност или физичка сила. Една насмевка, сочувствителен збор, помош за нешто, мал подарок или давањето предност во редот честопати можат многу да значат. А кога не знаеш што да направиш или што да кажеш во некоја ситуација, направи го она со кое ќе покажеш добрина. Младиот човек што го спомнавме во почетокот на оваа статија бил длабоко трогнат од добрината на мисионерот, која ја премостила јазичната бариера. Затоа не е ништо чудно што Бог бара од своите слуги ‚да ја сакаат добротата‘! (Михеј 6:8).

„Еден љубезен збор може да стопли три зимски месеци“, вели една ориентална изрека. Таа на многу убав начин покажува дека со малку добрина може да се постигне многу. Кога ја покажуваме од исправни мотиви, а особено затоа што го сакаме Бог, не постои срце кое добрината нема да го згрее. Па дури и кога другите не ја ценат твојата добрина, тоа не значи дека залудно ја покажуваш. Во очите на Бог таа има голема вредност. Библијата нѐ уверува дека добрината кон другите е како да му даваш „заем на Јехова“ (Изреки 19:17). Затоа, барај прилики да покажуваш добрина кон оние околу тебе!