Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Писмо од Грција

Проповедање на најјужната точка на Европа

Проповедање на најјужната точка на Европа

ВЕЛИЧЕСТВЕНИТЕ Планини Лефка на островот Крит полека се губеа во далечината додека нашиот брод пловеше кон една мала висорамнина што се издигнува од длабочините на Средоземното Море. На бродот бевме група од 13 души и горевме од желба да почнеме да проповедаме на островот Гавдос, кој едвај може да се види на мапата и претставува најјужна точка на Европа.

Тој топол летен ден изгледаше дека патувањето ќе биде многу пријатно. Но, набргу задува силен ветар кој го разбранува морето и почна да го ниша нашиот брод лево-десно. Кога ми се слоши, помислив на библискиот извештај за апостол Павле, кој пред многу векови доживеал силна бура во истите овие води. Тогаш островот Гавдос бил познат како Клавда (Дела 27:13-17). Се надевав дека на Гавдос ќе стигнеме здрави и живи.

Конечно, на видикот се појави нашето одредиште — едно карпесто ритче со гребени кои се спуштаа во морето. Ритчето беше прилично рамно, високо само околу 300 метри без остри врвови. Поголемиот дел од овој остров, кој зафаќа површина од околу 26 квадратни километри, е прекриен со густо насадени борови дрвја и со грмушки. На некои места има смреки кои растат на самиот брег.

Некогаш на овој остров имало околу 8.000 жители. Денес бројот на постојани жители изнесува помалку од 40. Изгледа како модерната цивилизација да го одминала Гавдос. Иако покрај неговите брегови често пловат товарни бродови и танкери, овој остров има нередовна врска со Крит, која честопати се одложува или се откажува поради лошото време.

Дојдовме на Гавдос за да им пренесеме на луѓето една убава и охрабрувачка порака — дека ќе можат да имаат подобра иднина и вечен живот со совршено здравје. Додека бротчето се спремаше да се укотви, едвај чекавме да излеземе на брегот за да ја пренесеме добрата вест.

Нашите лица беа бледи како крпа, што јасно покажуваше дека патувањето до Гавдос воопшто не беше удобно бидејќи бротчето нѐ нишаше четири и пол часа. Но, се освеживме со една кратка дремка и шолја кафе. Откако накусо го разгледавме библискиот извештај за патувањето на апостол Павле и горливо се помоливме, бевме спремни да почнеме со нашата задача.

Мештаните беа љубезни и гостољубиви. Нѐ канеа во своите домови и ни нудеа да се напиеме нешто. Освен што им ја пренесовме добрата вест од Библијата, кога им беше потребно им пружавме и практична помош. На пример, додека разговаравме со една жена, еден член од нашата група кој е електричар забележа расипан електричен апарат и го поправи. Жената беше одушевена. Ја зеде библиската литература што ѝ ја понудивме и нѐ пофали за нашата служба. Една друга жена го изрази своето ценење со зборовите: „Вашето дело е од Бог, а не од луѓе, затоа што сте дошле да проповедате на овој далечен остров“.

Изгледа дека луѓето многу ја ценеа библиската литература што им ја нудевме. Еден човек зеде Стражарска кула и Разбудете се! и побара уште литература за да има што да чита во текот на зимските месеци. Еден друг човек не само што зеде литература за себе туку побара уште списанија за да ги стави во својот дуќан и да ги читаат муштериите. Ни ја даде адресата за да му испраќаме списанија секој месец. Едно семејство беше одушевено кога им покажавме дека нивниот мал остров се спомнува во Библијата. И тие радосно зедоа списанија.

Иако таквите реакции многу нѐ охрабрија, посетата на Гавдос им врати болни спомени на некои од нас. Во близина на Заливот Саракинико има една зграда во која некогаш биле испраќани политичките затвореници. Емануел Лионудакис, кој е Јеховин сведок, бил прогонет овде кон крајот на 1930-тите затоа што проповедал. * Во тоа време Гавдос бил опишан како „пуст остров на кој имало само отровни скорпии, место каде што многумина... умреле од глад, оскудица и болести, [место] кое со право било наречено остров на смртта“. Лионудакис ловел риба за да се прехрани, а во исто време им проповедал на другите затвореници бидејќи бил единствениот Јеховин сведок таму. Кога го видоа местото каде што тој бил протеран пред околу 70 години, неговата ќерка, зетот и внуката беа длабоко трогнати. За нас неговиот пример е големо охрабрување да останеме верни и да продолжиме да ја извршуваме службата на проповедање.

За оние што биле протерани на овој остров, Гавдос воопшто не претставувал рај за туристи. Но, за нас беше пријатно место бидејќи тој викенд проповедавме во секој дел од островот и им оставивме 46 списанија и 9 брошури на неговите срдечни жители. Едвај чекаме повторно да се видиме со нашите нови пријатели!

Времето брзо летна и дојде моментот да си одиме. Но, повторно временските прилики беа лоши и нашето заминување во 17 часот беше одложено. Се качивме на бродот на полноќ, подготвени за уште едно напорно патување. Конечно, тргнавме во 3 часот утрото, и откако пловевме по немирното море цели пет часа, пристигнавме на Крит. Бевме исцрпени кога застанавме на копно, но бевме радосни што успеавме да го објавиме Јеховиното име и на островот Гавдос (Исаија 42:12). Сите во групата се согласивме дека нашиот труд не беше залуден. Маките што ги доживеавме ќе се заборават, но пријатните спомени од ова патување ќе останат засекогаш врежани во нашите срца.

^ пас. 11 Животната приказна на Емануел Лионудакис можеш да ја прочиташ во Стражарска кула од 1 септември 1999, на страници 25-29.