Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали тоа што Бог казнувал значи дека е суров?

Дали тоа што Бог казнувал значи дека е суров?

ПРЕД да одговориме на ова прашање, да разгледаме накратко два случаја кога Бог ги казнил луѓето. Едниот е Потопот во времето на Ное, а другиот е уништувањето на Ханаанците.

ПОТОПОТ ВО ВРЕМЕТО НА НОЕ

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ: „Бог постапил сурово кога со потоп ги уништил сите луѓе освен Ное и неговото семејство“.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Бог рекол: „Не ми е мило да умре злосторникот, туку злосторникот да се одврати од својот пат и да остане жив“ (Езекиел 33:11). Значи, на Бог воопшто не му било мило што морал да ги уништи злобните луѓе во времето на Ное. Тогаш, зошто го сторил тоа?

Библијата објаснува дека Бог ги казнувал злобните луѓе за ‚да им даде пример на безбожниците за она што треба да дојде‘ (2. Петрово 2:5, 6). Што учиме од начинот на кој постапувал Бог во минатото?

Прво, Бог јасно покажал дека, иако го боли тоа што мора да уништува човечки животи, тој е свесен за постапките со кои суровите луѓе им предизвикуваат страдања на другите. Затоа, ќе побара сметка од нив. Во свое време ќе им стави крај на сите неправди и страдања.

Второ, од примерите во минатото јасно гледаме дека пред да изврши некаква казна, Бог секогаш ги предупредува луѓето. Ное им кажувал на луѓето од негово време дека Бог ќе ги казни, но повеќето не сакале да го послушаат. Библијата вели: „Не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите“ (Матеј 24:39).

Дали Бог секогаш ги предупредува луѓето? Да. На пример, тој ги предупредил Израелците, кои биле негов народ, дека ако станат злобни како околните народи, ќе дозволи непријателите да ја нападнат нивната земја, да ја уништат престолнината Ерусалим и да ги одведат во ропство. Израелците го направиле токму тоа што не требало — станале толку злобни што ги принесувале како жртви и своите деца. Дали Јехова презел нешто? Да. Но, пред тоа испраќал пророци кои го предупредувале неговиот народ и постојано го поттикнувале да се смени. Јехова дури рекол: „Севишниот Господар Јехова не прави ништо ако не им ги открие своите тајни на своите слуги, пророците“ (Амос 3:7).

КАКВА ВРСКА ИМА ОВА СО ТЕБЕ: Она што го направил Јехова во минатото ни дава надеж. Можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ги казни луѓето што сурово им нанесуваат страдања на другите. Во Библијата пишува: „Оние што прават зло, ќе бидат истребени... А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:9-11). Дали сметаш дека е во ред Бог да ги казни злобните за да го ослободи човештвото од страдањата? Дали тоа е сурово или милостиво?

УНИШТУВАЊЕТО НА ХАНААНЦИТЕ

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ: „Уништувањето на Ханаанците било сурово воено злосторство рамно на денешните геноциди“.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Сите [Божји] патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда“ (5. Мојсеева 32:4). Праведните казни од Бог не можат да се споредат со човечките војни. Зошто? Затоа што, за разлика од луѓето, Бог може да ги чита срцата — да види што се крие длабоко во секој човек.

На пример, кога Бог ги осудил градовите Содом и Гомор и решил да ги уништи, верниот Авраам сакал да се осигура дека тоа навистина било праведно. Не можел ни да замисли дека неговиот праведен Бог би ‚го погубил праведниот заедно со злиот‘. Бог бил стрплив и го уверил дека, кога би имало макар и само десет праведни луѓе во Содом, би го поштедил од уништување (1. Мојсеева 18:20-33). Ова јасно покажува дека Бог видел какво срце имаат тие луѓе и знаел дека се непоправливо злобни (1. Летописи 28:9).

Слична пресуда Бог донел и за Ханаанците, и затоа наредил да бидат уништени. Ханаанците биле познати како суров народ, и тоа до тој степен што ги жртвувале децата живи во оган * (2. Царевите 16:3). Ханаанците знаеле дека Јехова им заповедал на Израелците да ја заземат целата нивна земја. Оние што решиле да останат и да се борат, свесно им се спротивставиле не само на Израелците туку и на Јехова, кој јасно покажал дека е со својот народ.

Сепак, Бог бил милостив кон Ханаанците кои престанале да постапуваат злобно и ги прифатиле неговите високи морални мерила. На пример, блудницата Раав, која била Ханаанка, била спасена заедно со своето семејство. Исто така, кога жителите на ханаанскиот град Гаваон побарале да им биде покажана милост, биле поштедени и тие и нивните деца (Исус Навин 6:25; 9:3, 24-26).

КАКВА ВРСКА ИМА ОВА СО ТЕБЕ: Од тоа што Бог ги казнил Ханаанците учиме нешто многу важно. Брзо се приближува проречениот ‚ден на суд и уништување на безбожниците‘ (2. Петрово 3:7). Ако го сакаме Јехова, ќе се радуваме што Бог ќе им стави крај на страдањата кога ќе ги отстрани сите што не го прифаќаат неговото праведно владеење.

Ханаанците биле познати по нивната суровост и свесно му се противеле на Бог и на неговиот народ

Јехова со љубов нѐ потсетува дека одлуките што ги донесуваат родителите влијаат и врз нивните деца. Во Божјата Реч пишува: „Избери го животот за да останеш жив, ти и твоето потомство, така што ќе го сакаш Јехова, својот Бог, ќе го слушаш неговиот глас и ќе се држиш за него“ (5. Мојсеева 30:19, 20). Дали овие зборови би ги кажал еден суров Бог или еден Бог што има љубов кон луѓето и сака да донесат исправна одлука?

^ пас. 15 Археолозите пронашле докази дека Ханаанците им жртвувале бебиња на своите богови.